Почитуваничитатели!
Во Вашите раце го имате научното списание„Педагошка ревија“. Досегашната структура и физиономија на „Педагошка практика“ сега е со нов концепт и ново руво. Тоа претставува умислен, изворен и автентичен растеж на досегашната концепциска поставеност на ова списание.
Редакцијата на списанието беше на повидок на предизвиците дали да се задржи стандардниот модел на „Педагошка практика“ не само како форматско и дизајнерско решение, туку многу повеќе од аспект на неговото внатрешно, програмско, тематско, концепциско и стручтурално дефинирање и надградување. На една страна се имаше во вид стандардната поставка на списанието на друга предизвикот на времето и новите опсервациски подрачја, новото разгранување на темите, прашањата и областите што би биле предмет на третирање во списанието. Новите предизвици проникнуваа од новите и современи потреби на пошироката димензионираност на научното перципирање и реципирање на прашањата во чиј средиштен интерес се поставува стожерниот интерес на списанието.
Преовлада повикот на времето. Редакцијата по опфатно и темелно проценување и одмерување на бројните аспекти, се определи да го редизајнира постојниот композициски концепт на „Педагошка практика“, давајќи му релативно поинвентивен, попроширен и поопфатен тематски регистер на прашањата и проблемите што го тангираат новото време. Редакцијата со тоа ја антиципира својата заложба и определба концептот на списанието да го одразува и идентификува поширокиот научно-истражувачки, методски и педагошки спектар на прашања. Во тој дух редакцијата се определи списанието „Педагошка практика“ да го добие својот дооформителен атрибут со кој сакаме да го трасираме новиот поширок стручно-научен опсервациски зафат. Со тоа сакаме да анимираме поголем број на автори на трудови, потврдени авторитети и перспективен подмладок. Колку сме поголем тим на креатори на списанието, толку ќе биде побрз и растежот на списанието во неговиот квалитет. Колку се посветени на него, толку тоа ќе ги афирмира и нашите интереси. Затоа ја очекуваме Вашата подршка. Затоа ја очекуваме и соработката со Вас. Списанието да биде наша заедничка придобивка.
Од редакцискиот одбор